Денеска е Водокрст - ден „во очи“ на Богојавление-Водици

Денеска, денот пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, православната црква го одбележува денот познат како Водокрст кога се извршува голем Богојавленски водосвет.

Празникот е познат под имињата Водокрштение и Водокрст или Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода. Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. 

Празникот Водици го менува денот, но датумот не. Се празнува на 19 јануари. Меѓутоа обичаите сврзани со празнувањето на овој Свет ден се врзани за три дена: 18 јануари – Водокрст или Водопост, 19 јануари – Богојавление (Водици) и 20 јануари – Собор на Свети Јован Крстител. 

Утре, 19 јануари, е познат под имињата Богојавление и Водици, но во некои краишта се спомнува и како Војордание или Машки Водици.

Вториот ден, 20 јануари, е празникот Собор на Свети Јован Крстител, познат и како Женски Водици, кога главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. На тој ден, именден слават сите чие име е изведено од името Јован. 

Водици е празник над празниците и во различни делови од Македонија се одбележува со многу интересни и неповторливи фолклористички обреди.