Осмиот ден после раѓањето, Христос бил однесен во храмот и обрезан. Во Стариот завет со тоа се запечатувала припадноста на народот наследник на Божјите ветувања.
Обрезанието инаку е праслика на тајната на крштението и како такво има значење и во новозаветната Црква. Овој празник се празнувал уште во првите векови на христијанството. Денес се слави и свети Василиј Велики, кој се упокоил на овој ден.
Тој е еден од тројцата најголеми црковни учители од четрвтиот век. Родум бил од Кападокија, завршил школа во Атина. Бил голем христијански философ, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Се упокоил во 379 година.
Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година.
Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја.