Денеска е Св. великомаченица Анастасија

Се верува дека во чест на оваа светица секоја жена денес треба да направи по едно добро дело. Заштитничка е на жените што ќе запалат свеќа во црква, а штити од црни магии. Која била светата великомаченичка Анастасија?

Денес (04.01) православните христијани ја слават светата великомаченичка Анастасија, а именден слават сите оние што го носат нејзиното име.

Се верува дека оваа жена ќе им помогне на сите жени што денес ќе одат и ќе запалат свеќа во црква, а според некои верувања таа ги штити од црни магии.

Исто така, убаво е денес секоја жена да направи некое добро дело во име на оваа великомаченичка.

Светата великомаченичка Анастасија потекнувала од богато римско семејство. Татко ѝ бил паганин, а мајка ѝ христијанка, и Анастасија уште како млада се приврзала кон христовата вера.

Татко ѝ ја принудил да стапи во брак со незнабожничкиот великопоседник Публиј, а светицата под изговор дека страда од женски болести воопшто не скала со него да влезе во телесна врска.

Заради ова, мажот ѝ ја измачувал во затвор со глад, а уште повеќе почнал да ја измачува кога дознал дека таа кришум ги посетува и им помага на христијанските верници.

Заради тоа што ги одврзувала јажињата со кои биле врзувани затворениците, таа уште се нарекува и Узрошителница.

Сепак, по божја волја, Анастасија била ослободена од свирепиот сопруг. Публиј бил испратен во Персија, но на пат дотаму неговиот брод потонал.

По ова, Анастасија почнала да им служи на христијаните и своето големо богатство го трошела така што им делела милостина на сиромавите.

Анастасија била измачувана и спалена на клада во 304-та година. На 30-тина километри од Солун, во нејзина чест е изграден голем манастир.