Денес започнува патувачкото кино на „МакеДокс“

Започнува 13-то издание на патувачкото кино „МакеДокс“ . Годинешното издание започнува денеска со проекција во селото Пиперево, а ќе патуваат се до Габрово во сабота, односно 23.07.2022 година, кога ќе се емитува последниот документарен филм.

„Ќе собираме приказни од правнуците на комитите на југоистокот чии прадедовци ги предизвикале светските медиуми да пишуваат за Македонија со месеци уште во првата година од XX век. Ќе собираме приказни за мравјалниците, блатото, ендемската флора, но и за одекот на македонскиот петвековен крик – приказната за првото модерно киднапирање во светот“, се вели во најавата за фестивалот.

Првата проекција ќе биде во Пиперево денеска, 18 јули, а потоа  ќе следуваат Вељуса (19 јули), Моноспитово (21 јули), Босилово (22 јули) и Габрово (23 јули). Проекциите се бесплатни и со почеток во 21 часот.

Во рамки на Патувачкото кино, ќе се одржи и првата сесија од четвртата генерација на школата за млади документаристи „МакеДокс“ – „ДокуНикулци“. На Патувачкото кино тие ќе се запознаат со документарниот филм, ќе развиваат свои приказни, ќе работат на нив во текот на годината и ќе ги прикажат на следното издание на фестивалот „МакеДокс“.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Општина Струмица, Општина Босилово и Општина Василево.