Православните верници на 28 август го одбележуваат еден од дванаесетте најголеми христијански празници – Успението на Пресвета Богородица, во народот познат како Голема Богородица, а нему му претходи Богородичкиот пост.

Богородичкиот пост започнува денес, четврток, 14 август, на денот на седумте браќа Макавејци и нивната мајка, кои пострадале со маченичка смрт. Овој пост, еден од четирите големи, е построг од Божиќниот и Апостолскиот, а поради големата почит кон Богородица, многу верници го доживуваат како и Велигденскиот.
Овој пост е и најмладиот – воспоставен е во чест на Мајката Божја, која времето пред своето упокојување го поминала во пост, мир, тишина и молитва. Првпат се споменува во списи на Теодор Студит во 826 година, а конечно е утврден на Цариградскиот собор во 1166 година.
Постот се одликува со строгост. Во текот на двете недели се јаде храна приготвена на вода, освен за време на викендите, кога се дозволени масло и вино, и на Преображение, кога може да се јаде и риба. Ако празникот на Успението падне во среда или петок, тогаш се дозволени риба, вино и масло. Во народот постои обичај младото грозје да не се јаде до Преображение, кога се благословува во црква.
Постот има и големо духовно значење – тоа е време на молитва, покајание и духовно издигнување, кога верниците се трудат да се ослободат од лоши мисли и дела и да се приближат кон Бога. Овој период се смета и за можност да се угледаме на животот на Пресвета Богородица и да го следиме нејзиниот светол пример.
Бидејќи е посветен на Богородица, се верува дека Богородичкиот пост е особено важен за жените и мајките.
Според народното верување, сите обичаи на денот на почетокот на постот се поврзани со вода и босилек – т.н. „Божја билка“. Затоа домаќинките во јадењето задолжително ставаат малку босилек за здравје и среќа на целото семејство.
Православните верници го завршуваат Богородичкиот пост со свето причестување на 28 август, на денот на Успението на Богородица.