Денеска се навршуваат 17 години од смртта која го потресе целиот регион. На денешниот ден Тоше Проески го загуби животот на 26 години во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска.
Автомобилот во кој се наоѓаше македонсиот пејач се судри со камион во утринските часови во близина на хрватскиот град Нова Градишка. Тоше Проески во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.
Колку беше обожаван и сакан од народот, покажува и информацијата дека македонското Собрание тој ден ја прекина седницата за да му оддаде почит на починатиот пејач со едноминутно молчење. Во Македонија тогаш 17 октомври беше прогласен за ден на жалост.
Тоше беше сакан од целиот регион, неговиот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат и по својата хуманитарна работа, неговиот ангелски лик и глас го направија личност чија љубов кон другите немаше граници.