Четврта трка со препреки ќе се одржи денеска во селото Кучково во организација на спортското здружение „Отаку“ со поддршка на Општина Ѓорче Петров.
Како што наведуваат организаторите, трката е уникатно искуство за сите натпреварувачи, кои ќе можат да ја тестираат физичката и психичката подготвеност соочувајќи се со повеќе предизвици долж патеката.
– Предизвикот во с. Кучково е трчање во должина од 13 километри по планинска патека совладувајќи 18 интензивни препреки. Секој учесник треба да поминете низ кал, да се искачи на стрмнини, да се прекачува преку високи ѕидови, да се натпреварува во различни активности, како што се носење товар, ползење и фрлање копје. Оваа трка е предизвик, но истовремено претставува и трка за самонадминување. Трката со препреки (OCR) има цел да промовира спорт и рекреација, притоа промовирајќи ги и природните убавини и вредности во Македонија, стои во соопштението.
По завршување на трката, ќе се одржи церемонија за наградување на најдобрите во категориите: мажи, жени и тимови.
-Ги покануваме сите љубители на спортот, авантурата и природата во недела во 11 часот кај Крстот во с. Кучково да ги бодрат натпреварувачите и да уживаат во единствената трка со препреки. Подгответе се за адреналин, кал и многу забава, повикуваат тимот на ОЦР Македонија и Општина Ѓорче Петров.