
Откако во јавноста се појавија информации за наводни финансиски проблеми, неисплатени плати и најави за протест од вработени во синџирот маркети „Тинекс“, попладнево до редакцијата на Скопје Инфо пристигна реакција од дел од вработените во компанијата.
Во писменото обраќање потпишано како „Тим на Тинекс Зебра“, вработените ги демантираат наводите кои изминатиот период се шират во јавноста, оценувајќи ги како шпекулации и невистини.
„Како долгогодишни и лојални вработени чувствуваме обврска да ја споделиме вистината. Во текот на сите овие години компанијата ниту еднаш нема доцнено со исплата на плата, напротив, редовно се доделувале бонуси, награди за трудот, како и бројни бенефиции за вработените“, се наведува во реакцијата.
Во дописот се истакнува и дека компанијата континуирано инвестирала во модернизација на маркетите и подобрување на условите за работа, како и дека постои стабилност и доверба меѓу вработените и раководството.
„Фактот дека голем број вработени остануваат 10, 20 па и 30 години зборува сам за себе. Тоа е доказ за стабилноста и коректниот однос“, се додава во реакцијата.
Вработените посочуваат дека и покрај предизвиците, менаџментот покажал одговорност и не дозволил намалување или доцнење на платите. „Тоа е нешто што ние како вработени исклучително го цениме“, наведуваат тие.
Во вториот дел од реакцијата се додава дека компанијата верува во заедништво и надминување на предизвиците. „Свесни сме дека кризи постојат насекаде – во семејството, во компаниите, па и на ниво на држава. Но веруваме дека со заедништво, позитивен пристап, труд и меѓусебно разбирање секоја пречка може да се надмине“, се наведува во дописот.
Од „Тимот на Тинекс Зебра“ изразуваат уверување дека компанијата ќе продолжи да се развива и да остане препознатлив бренд на пазарот, нагласувајќи дека негативните информации кои се шират се неосновани.
Сепак, на социјалните мрежи можат да се забележат и спротивни реакции, за кои се тврди дека доаѓаат од дел од вработените. Во еден од коментарите се наведува: „Од 2014 зимавме плата на 29, па на 5, сега не се ни знае. Ни должат две плати“, што укажува на различни сведоштва за состојбата во компанијата.
Реакцијата доаѓа по серијата објави и коментари во јавноста во кои се изнесуваат тврдења за влошена состојба во маркетите, празни полици и проблеми во работењето. Засега нема официјално соопштение од компанијата, додека спротивставените информации оставаат отворени прашања за реалната состојба.