Декемвриска програма во Кинотека

Кинотека на Северна Македонија ја објави програмата за месец декември, последниот од 2022. 

На самиот почеток на овој месец Кинотеката, во партнество со киномрежата во која членува – Еуропа синемас (Europa Cinemas), се придружува кон иницијативата на Eвропската филмска академија наречена (EFA) „Месец на европски филм“ која започна пред три недели. Во тие рамки, сѐ до 10 декември, и локални киносали и големи киномрежи ќе прикажуваат специјални програми, настани и ретроспективи со кои ја промовираат богатата европска кинематогафија.

-Ние се приклучуваме кон оваа иницијатива со циклусот филмови на познатиот чешки режисер (а и актер, и автор, и професор..) Јиржи Менцл, кој со својот сензибилитет на филмско раскажување нема да ве остави рамнодушни. Менцл гостуваше во Кинотеката во 2009 година и во Скопје, и на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а на македонскат публика, онаа со изгледана поголема километража на филмски летни – добро ѝ е познат. Неговите класици СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ, СТРИЖЕНО-КОСЕНО, ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА, СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ, СЕЛО МОЕ МАЛО, КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА, ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА, САМОТИЈА ВО ШУМАТА и НЕПРЕДВИДЛИВО ЛЕТО, како и филмот-омнибус БИСЕРИ НА ДНОТО составен од кратки филмови на највлијателните чешки режисери во средината на 60-ите години на минатиот век (Вера Читилова, Јаромил Јиреш, Јиржи Менцел, Евалд Шорм и Јан Немец) ќе бидат на програмата од првата третина од месецот. По Менцл „европската“ програма, продолжува со циклусот на Полјакот Анджеј Вајда, а ќе следи документарниот ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК на Јанко Баљак, со кој се заокружува овој декемвриски фокус на култни режисерки имиња. Во редовната соработка со Францускиот институт од Скопје, во декември ќе биде прикажан филмот ПРЕЗИР на Жан-Лук Годар кој неодамна „замина“ на Елисејските полиња, а од современата француска кинематографија, ќе се опуштиме со комедијата „Роден лажго“ - информираат од Кинотека. 

Целосната програма може да ја погледнете на овој линк.