Декември е најубавиот месец од годината

Декември има посебно место во нашите срца. Тој е исполнет со моменти кои нè зближуваат и кои нè потсетуваат дека најубавата среќа е споделената среќа. 

Photo by Mikhail Vasilyev on Unsplash

Додека се збогуваме со уште една година и со нетрпение го очекуваме доаѓањето на новата, има нешто посебно во месец декември. Тоа е време кога надвор температурите се ниски, но нашите срца се исполнети со топлина.  

Декември со себе носи низа прослави кои будат радост во животот на луѓето. Се случуваат предновогодишните прослави, кои многумина можеби велат дека не ги сакаат, но сепак си поминуваат одлично со колегите. Се зближуваме со другите, ги отвораме нашите срца и се потсетуваме дека вреди да го славиме животот.

Декември ни нуди можност да застанеме и да размислиме за годината што изминува. Многу работи често успоруваат, не излегуваме толку често. Минуваме повеќе време дома и имаме можност да размислиме, да се навратиме на изминатите месеци и да посакаме желба за понатаму. На тој начин, стануваме и благодарни за она што го имаме, сфаќаме дека некогаш е доволно да сме живи и здрави и да ги имаме своите најблиски до себе.

Многумина ја китат елката и го украсуваат домот во овој период, го славиме св. Никола и уживаме во новогодишните светилки, кои ни даваат надеж дека ќе биде подобро. Наздравуваме за подобри денови, истовремено споменувајќи ги оние кои веќе не се дел од нашите животи. 

Декември носи одредена магија со себе, која треба само да ја препознаеме.