Деца „летаат“ со електрични тротинети низ Скопје, 11 незгоди за четири месеци

Непрописно и лудо се возат електични тротинети низ Скопје, од страна на малолетници, реагираат граѓаните. Многу често и по две деца качени на тротинет, без соодветни заштитни кациги, „летаат“ низ булеварите меѓу густиот сообраќај. Малолетните возачи, често  и пресекуваат пат, а не се безбедни ниту на патеките на кеј покрај Вардар. Ова особено стана изразено со разубавувањето на времето, кога се зголеми бројот на учесници во сообраќајот - возачи на тротинети и мотоцикли.  

Не е мал бројот на настрадани по ваквите авантури. Последниот во низата сообраќајни незгоди, за жал, е инцидент со смртни последици кога 13-годишно момче со електричен тротинет удри во камион во кумановско. 

Граѓаните рагираат и дека не сите инциденти предизвикани од деца на електични тротинети се пријавуваат во полиција, со цел да се избегне одговорноста, па така бројни деца завршуваат со повреди кои може да имаат и серизони последици. 

Побаравме статистички податоци од МВР во делот на случени и пријавени сообраќајни несреќи со електични тротинети. 

Во првите четири месеци од 2026 година на територијата на Северна Македонија се регистрирани вкупно 27 сообраќајни незгоди во кои учествувале возачи на електрични тротинети, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи. Од вкупниот број незгоди, 11 се случиле на подрачјето на СВР Скопје.

- Во овие сообраќајни незгоди нема загинати лица. Со телесни повреди се здобиле 12 возачи на електрични тротинети, додека еден возач бил тешко повреден. Според возраста на настраданите, три лица биле на возраст до 14 години, а десет лица биле постари од 14 години, велат од МВР за Скопје Инфо. 

- Во истиот период биле евидентирани и 23 прекршоци поврзани со управување електрични тротинети. Од нив, 20 прекршоци се однесуваат на член 103-а став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, два прекршоци на член 103-а став 2, а еден прекршок на член 103-в став 2 од Законот, појаснуваат од полицијата. 

Според правилата забрането е да се превезува друго лице на тротинетот, лицата под 14 години не смеат да управуваат со електричен тротинет, а максималната дозволена брзина е означена како 25 km/h.  

Соседна Грција размислува за целосна забрана за управување со електични тротинети за деца под 18 години. Кај нас, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски електричните тротинети неодмана ги посочи како огромен безбедносен предизвик и откри дека веќе се консултирал со голем број амбасадори за искуствата од нивните земји и најави законски измени.

„Овде мислам дека треба да одиме со порадикално решение во дел на забрани, старосна граница за управување и можеби регистрација. Тротинетите се огромен проблем од аспект на безбедност во сообраќајот и се надевам на конкретни решенија во најбрзо време“, најави Тошковски.