Дебар со истиот број на заразени со Ковид-19 кој го имаше во првиот бран

Се зголемува бројот на заразени од Ковид-19 во Дебар, чија вкупна бројка, со последно дијагностицираните шест случаи се зголеми на 102 лица.

Од вкупната бројка оздравени се 48, четворица починаа, додека 50 се активни на болеста, од кои седум се на болничко лекување во болницата „Осми септември“ во Скопје.

Дека бројот на новозаболените ќе се зголемува претходно предупреди и градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, повикувајќи се на информации на епидемиолошката служба.

-Сето тоа е поради непочитувањето на мерките и протоколите од страна на граѓаните и деловните субјекти. Апелирам да бидеме сите совесни и да се однесуваме одговорно како во првата фаза од пандемијата, заради себе си, нашите најблиски и државата, порача Дука.

Според статистичките податоци на Оделението за внатрешни работи во Дебар, кое со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, во изминатото деноноќие, на ова подрачјето полициските службеници констатирале 7 прекршоци за неносење заштитна маска.

Како што изјави Стефан Димоски,портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид, ним им се издадени прекршочни платни налози за сторен прекршок по член 6 став 1 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест Ковид -19.