Давид: Се иселив од Скопје за да чувам и молзам кози во Раштак

Приказната на Давид е многу поразлична од приказните на било кој млад човек. Секој млад на негови години сонува сосема нешто поинакво, помодерно, урбано. Давид, на сосема поинаков начин го остварува својот сон. 

Урабниот живот и градската средина тој ја замени со чување кози во село Раштак. Ни за момент не се покајал за ваквата одлука, ниту пак размислува да се врати назад во Скопје. 

Давид си чува козички, собира печурки, ужива во природата, дише чист воздух. 

Ние се запознавме со Давид, а тој ни раскажа како се одлучил на ваков чекор, каков е селскиот живот со кози и што планира во иднина.

Го напушти градот, урбаниот живот, се пресели во село и им се посвети на козите. Како се одлучи на овој храбар потег?

Самиот урбан живот ме натера да се подзамислам како се гледам во иднина, а работното градско искуство придонесе за поголема решителност кон впуштањето во селската авантура. Морам да им заблагодарам на моите родители за единството кое го поседуваме, искушенијата кои ги поминавме и желбата за наше усовршување и учење кое не држи. Мала е разликата помеѓу храброста и лудоста, ова беше прилика која неможев да ја пропуштам.

Како изгледа еден твој обичен, работен ден?

Сега се наоѓаме во период кога козите не даваат млеко, односно тие се трудни и чекаме јариња, периодов работиме на финални подготовки за дочек на зимото, работиме со тесла и штрафилица, но го користиме и доброто сончево време за прошетка со козите во дарежливата планината, овој период се хранат со желади и шипинки но и со по некоја печурка.

Колку кози одгледуваш во моментов, тешко ли е одгледување на истите и дали лесно се навикна на таа работа?

Во моментов стадото брои 80 грла, дел се јариња кои за првпат ќе станат мајки, најголемиот дел молзни кози и трите јарци - идните татковци. Разумна одлука беше што почнавме со 10тина кози и постепено се адаптиравме на козите и новиот начин на живот, но и тие на нас. Се зависи од околностите, можностите и самата организација, ќе излажам доколку кажам дека е лесно, но на тоа гледаме како предизвик.

Со што друго се занимаваш, покрај тоа што максимално им се посветуваш на козите?

Се работи за комплексна гранка барем како што тоа го работиме ние, Кози Млеко Планина, од пасиште па се до финален производ до вашата адреса, пропратено со многу труд во делот на хигиената како кај козите така и во обработката на млекото, благодарение на благосостојбата на козите. На огромно задоволство од оваа година сме дел од genuine experiences - платформа за автентични туристички искуства, верувам дека ќе стартуваме од идната година. Имам интерес и во други области на кои се едуцирам, повторно поврзани со с. Раштак.

Ти недостасува ли цивилизацијата, дали некогаш си размислувал да се збогуваш со козите и да се вратиш назад?

Предпоставувам дека мислите на градскиот живот бидејќи денес и селата се во голема мера цивилизирани, во овој стадиум во кој сега се наоѓа воопшто не, напротив денешницава ми потврдува дека сум направил правилен избор уште пред речиси цела деценија, кога воопшто сточарството а поточно козарството се сметаше за дно. И покрај тешките периоди кои ги надживеавме на нив гледавме како на предизвик. Сите мои планови се поврзани со Раштак, на крај памет не ми е враќање, покрај тоа голем е интересот на пријателите за дружење горе, меѓу козите.

Каде се гледаш во иднина?

Сметам дека иднината е производ на искуството од минатото преку директна акција во сегашноста, во таа смисла мислам дека поважно е да се работи на случајот отколку да се прогнозира. Имам многу идеи и замисли и навистина сум среќен што имам и пријатели кои ме поддржуваат но и укажуваат кога тоа потребно. Тука сакам да им се заблагодарам на slowfood Vodno, slowfood macedonia - му препорачувам на секој да се запознае со нивната философија и делување, тука се man and Mountain и нивниот СОНЧЕВ проект, погоре ги споменав genuine experiences и еден куп добронамерни, љубопитни и искрени поединци кои ми даваат секојдневно поддршка и волја за да се разбудам и продолжам.

Каква порака би им испратил на младите?

Радувајте се на плускавци, а на проблемите гледајте како предизвик и барајте решение, секогаш има. Создавајте биолошки отпор и немојте да судите пристрасно, читајте книги и применувајте го знаењето во дела. Немојте да следите трендови, создавајте сопствени!