Дарко Спасов нов в.д. директор на театар Комедија

Дарко Спасов, вработен како драматург во театарот Комедија, е назначен за в.д. директор на оваа театарска установа. Како што дознава Телма, решението од Министерството за култура веќе пристигнало во „Комедија“. Ова е последна одлука на министерката за култура во заминување , Ирена Стефоска.

Спасов доаѓа на местото на актерката Магдалена Ризова Черних, која беше поставена за в.д. директорка на театарот Комедија на 24 ноември минатата година, откако беше разрешена од истата функција Нора Шакири-Марковиќ. Образложението од Министерството за култура за Шакири- Марковиќ беше дека спротивно на Изборниот законик, Законот за спречување корупција и судир на интереси и Законот за заштита од вознемирување на работно место, во изборниот период спровела дисциплинска постапка против вработен кој не доаѓал на работа повеќе денови. За случајот од ДКСК рекоа дека Шакири не работела противзаконски, пишува Телма.

Мандатот на Черних како в.д. директорка се поклопи со конкурсот кој Министерството за култура го распиша за избор на директор на театарот Комедија, но тој беше поништен и ни еден од тројцата кандидати од „ Комедија “ не беше избран зашто статусот на театарот не е ускладен со Законот за култура.

Изборот на Дарко Спасов за в.д. директор го побараа вработените во „ Комедија“ од Министерството за култура, откако Нора Шакири- Марковиќ беше разрешена. Согласно законот Спасов како в.д. директор има мандат од 6 месеци, со можност тој да се повтори уште еднаш.