Дали знаевте дека познатата скопска улица „Дебарца“ во минатото носела друго име? Еве како се викала

Во Фејсбук група, која тематски обединува „стари скопјани“ беше споделен еден интересен историски податок во врска со познатата скопска улица „Дебарца“.

Имено, авторот на објавата сподели дека оваа улица во минатото, поточно во времето на Кралството Југославија имала друго име.

-Пребарувајќи по некои постари документи и планови на куќата која на Ул. Дебарца ја изградил мојот прадедо, со изненадување забележав дека улицата е заведена како „Кариќева“. Проектот е од 1937 година, куќата е завршена во 1938 година, пишува скопјанецот Бранко.

Интересно е, вели, што овој податок не го сретнал никаде на друго место.

-Отсекогаш улицата ја знам како „Дебарца“, а претходно „Дебарце“. Колку што знам во населбата Дебар Маало во 1919 година први се доселиле луѓе од Голо Брдо, Дебарско, регион што по 1918, припаднал на Албанија. Од таму потекнува и името на населбата и улицата, посочува во објавата овој скопјанец.

Во неговата Фејсбук објава беше споделена и фотографија од проектот за градба на куќата на неговиот прадедо, на која може навистина да се забележи како станува збор за наводна улица „Кариќева“ во Скопје.