Дали знаете зошто оваа улица се вика Црвена скопска општина?

Една од многуте улици во градот со интересно име, кои предизвикуваат љубопитност, е улицата Црвена скопска општина. Тоа е една мала улица во центарот на Скопје, спроти старата автобуска станица, долга стотина метри. На оваа улица се наоѓаат Министерството за транспорт и врски и старата зграда Ибни Пајко. Пред земјотресот улицата се викала Маршал Тито, како продолжение на улицата Маршал Тито, или денешната улица Македонија, кои се од другата страна на Камени мост.

Црвена скопска општина е наречен периодот од 20 октомври, па до 26 јануари 1920 година. Тогаш за прв пат во историјата на градот работничката класа, под раководство на Комунистичката партија, ја презела локалната власт во Општината Скопје по мирен пат. 

По одржаните избори и по победата на општинските избори, се конституирала т.н. Црвена општина, што претставувало успех за тогашниот скопски пролетаријат и работниците. За своето тримесечно постоење, одборниците, се вели во записите, одржале 12 седници и донеле повеќе решенија од станбената, комуналната и од социјалната политика. Црвената скопска општина престанува да постои со повторното воведување на диктатура од српската власт.

Пред воведувањето на Црвената скопска општина, тогашниот весник на работничката класа "Социјалистичка зора" кој се залагал за доаѓање на КП на власт, во весникот број 62 од 20.08.1920 година пишувал: "Скопје треба да ја задоволува покраината, да ја претставува и да биде нејзин центар. Меѓутоа, Скопје дава впечаток на една пренаселена, извалкана и ориентална паланка". 
И покрај тоа што е поминат речиси еден век од овој напис, се има впечаток како ништо да не е сменето.