Дали секогаш неверствата се случуваат во браковите каде нешто недостасува?

Освен болеста и смртта, и неверството е нешто што носи големо патење. Тоа уништува врски, пријателства и бракови.

Луѓето реагираат на различен начин на неверството, од силна осуда до игнорирање, па некогаш и одобрување. Неверствата се присутни и тоа многу повеќе одошто мислиме дека знаеме, но тие се различно сфатени од различни луѓе. Во западниот свет, аферите се доживуваат примарно преку штетата која ја носат.

Оние кои поминале низ тоа знаат дека неверствата придонесуваат да се преиспитуваме себеси како личности, нашиот идентите и самодоверба, но и нашето минато и иднина. Тие носат цел вртлог на емоции кои немаат негативно влијание само на личноста која е изневерена, туку вклучуваат повеќе луѓе и страни.

Модерните технологии придонесуваат се почесто луѓето да се осврнуваат на неверство, но тие се и можност полесно да се дознаат некои работи. Сепак, болката е огромна и иако на неверството различно се гледа во различни култури и општества, сепак болката е скоро иста.

Аферите можат многу да не научат на бракот и љубовните односи, за тоа што можеме да очекуваме, она што мислиме дека сакаме, како и на нашите права и одговорности. Според авторката Естер Перел, иако во минатото бракот бил прагматичен сојуз со што се осигурувале економската стабилноста и општествена поврзаност, денес тој претставува слободен избор на врзување меѓу 2 личности, кој се заснова на обврски и должности, но и на почит, љубов и приврзаност.

И понатаму го сакаме тоа што го носи традиционалното семејство – сигурност, имот, деца, но сега сакаме и да бидеме сакани и почитувани. На венчавката се кажуваат заветите, заклетвите на вечна љубов и тоа често се случува со сјај во очите. Но, без оглед на причините за неверствата, тие ги поништуваат таквите ветувањата.

Старата мудрост вели дека неверството се случува во браковите каде нешто недостасува, но во денешно време не е секогаш така. Неверството не мора да значи дека е симптом на неуспешна врска. Според оваа авторка, всушност и самото преголемо очекување од брачно блаженство може да не донесе до неверство. Порано, луѓето биле неверни бидејќи бракот не требал да пружи премногу љубов и страст. Денеска пак, луѓето го прават тоа бидејќи бракот не ја исполнува љубовта и страста која ја посакуваат или која мислеле дека ќе ја имаат.

Постојат и оние нарциси кои изневеруваат бидејќи „едноставно им се може“. Тие се личности кои не пропуштаат можности да изневерат и кои неверството не го сметаат сериозно, туку најчесто како сексуален чин кој им помага да се чувствуваат подобро.

Според други луѓе пак, неверството носи слобода. Тоа не го носи товарот кој го носат бракот и децата, туку е некакво безгрижно патување без обврски.

Штом тоа ќе се случи (и дознае) мора да се донесе одлуката: Што понатаму. Луѓето тогаш се соочуваат со реалноста и мораат да си дадат одговор на прашањето зошто го направиле тоа и да се носат со штетата. За некои е предоцна. За други пак, животот дури тогаш почнува.