
Православните верници денес ја одбележуваат Велика Сабота – ден со посебно значење во пресрет на најголемиот христијански празник, Велигден. Според христијанското предание, тоа е денот кога Исус Христос слегол во адот, со што се заокружува периодот на неговото страдање и се навестува Воскресението.
Во пресрет на празникот, кај многумина се отвора дилемата дали на овој ден е соодветно да се извршуваат секојдневни домашни обврски, како чистење, средување на дворот или перење алишта, или пак тие треба да се завршат порано за празникот да се дочека во мир.
Според народните верувања, во минатото на Велика Сабота не се перело алишта рачно, ниту пак се вршеле рачни работи како шиење, плетење или везење. Се сметало дека таквите активности „ја оттурнуваат“ среќата и напредокот. Ова имало и практична основа, бидејќи домаќинките навреме ги организирале обврските за да го дочекаат празникот подготвени.
Од друга страна, традицијата дозволува чистење на домот, подготовка на велигденската трпеза и бојадисување јајца. Вообичаено, откако ќе се завршат домашните обврски, се средува и дворот, за Велигден да се пречека во чист и уреден дом.
Во современи услови, повеќето свештени лица сметаат дека перењето алишта во машина на Велика Сабота не се смета за грев, бидејќи не станува збор за рачна работа. Сепак, се препорачува тоа да се заврши во текот на денот, за вечерта да се посвети на мирна и празнична атмосфера.
Она од што традиционално се советува воздржаност се пеглањето и сите видови рачни работи, барем до завршувањето на велигденските празници.
Велика Сабота е и последен ден од велигденските пости, кога домаќинствата интензивно се подготвуваат за празничната трпеза. Иако обврските не се строго забранети, духот на денот повикува на умереност, смиреност и подготовка за радоста што ја носи Велигден.