Дали кесите од 15 денари еколошки ќе ги опаметат Македонците?

Пластичните кеси од 1 декември ќе се наплаќаат по 15 денари. Граѓаните се уште недоволно се запознаени со ова ново правило во однос на паметна употреба на пластичен отпад.

Иако на социјалните мрежи се коментира дека Македонците се познати по интензивна употреба на пластични кеси за различна намена, ретко кој тргнува во маркет или на пазар со сопствено кесе или торба, туку трговците им ги пакуваат прозводите во кеси или, пак, кесите се наплаќаат по симболична сума од 2 денари.

Според новите закони, покрај другите промени, од 1 декември годинава пластичните кеси кои граѓаните ги купуваат по продавници ќе чинат 15 денари, со што треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи што ја загадуваат околината. Дел од граѓаните ја поддржуваат ваквата одлука и сметаат дека е во ред да се пазарува со платнена или хартиена торба која ќе си ја носат од дома, но има и такви кои сметаат дека многу попрактични се пластични кеси без оглед на штетата која ја предизвикуваат за животната средина долгорочно.

Еве ги ставовите на дел од граѓаните.

„Во продавница 15 денари, но кај прозиводителите по старо. Единствен начин е престанок на производството, со тоа што сопствениците на производствените погони на пластични кеси и амбалажи да се обештетат“, смета еден граѓанин.

„Две децении заговарам употреба исклучиво на хартиени кеси, ама бизниси се во прашање“, коментира друг граѓанин.

Дел од граѓаните сметаат дека пластичните шишиња и лименките треба да се забранат за употреба и се да биде во стаклено повратно шише.

„Колку планини треба да се изечат за да сите користиме хартиени кеси и колку ќе чини тоа, кога веќе и овие постојните се биоразградливи за 18 месеци“, смета една граѓанка.

„Не се тоа истите кеси - поцврсти и поголеми се и лугето си ги користат повеке пати. Не измислуваме топла вода, тоа се прави во поразвиените земји и лугето си одат во продавница со кесе или торба, кој бил барем во Лидл маркет знае. Навистина претеравме со кесите. Во врска со губрето и еколгијата сме на нула, ова е основно, уште многу можеме да направиме“, гласи еден мотивирачки став на граѓанка.

Останува времето да покаже дали македонските граѓани ќе успеат да се снајдат со рационалната употреба на пластичните кеси, односно дали повисоката цена ќе ја намали нивната употреба во секојдневието!

Исто така, од 1 декември 2021 година ќе се забрани за користење пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во земјава.