Дали ја знаете историјата на најфрекфентната улица во Скопје?

Улицата „Македонија“ е симбол на урбаниот карактер на градот Скопје, на неговата историја и на неговата душа.

Таа има своја историја, во која го менувала името според општествено-политичките околности во кои опстојувала. Така, се нарекувала: „Султан Хамид V“, „Цар Фердинанд“, „Краљ Петар“, „Цар Борис“, „Маршал Тито“, за во почетокот на 90-тите години од минатиот век да го добие денешното име – „Македонија“.

По ослободувањето од Турците, градот Скопје имал криви некалдрмисани улици и тесни сокачиња. Според некои податоци, оваа улица била пуштена во употреба во 1911 година. Таа се протегала од Железничката станица до Камениот мост и била градена со правоаголни камени коцки. Во 30-тите години од минатиот век оваа улица го доживува својот најголем подем. Тука биле лоцирани легендарни кафеани, хотели, слаткарници, казина, а меѓу најпознатите биле: „Бели орао“, „Москва“, „Маргер“, „Европа“, „Тип-топ“ и др. Покрај ова, имајќи ја предвид престижноста на локацијата, свои палати тука подигнале и познатите семејства: Настеви, Икономови, Шеќеринови, Караџа, Крангови...

Големиот број дуќани кои опстојувале овде придонесувале за тоа улицата да биде посетувана од луѓе со различен општествен статус, богати и сиромашни, поради што таа станала центар не само на ноќниот туку и на трговскиот живот на градот.

Важна промена направена на улицата било нејзиното поплочување на преминот од 20 кон 21 век, кога таа во поголемиот дел станува пешачка зона по примерот на оние во повеќе светски метрополи.

Денешното име „Македонија“ улицата го добива во 90-тите години од 20 век. Таа секојдневно сведочи за сите големи и спектакуларни настани во градот и е едно од најпосетуваните места од страна на туристите. На неа се наоѓа споменикот и спомен-куќата на Мајка Тереза, споменикот на цар Самоил, Ристиќевата палата итн. 

Извор