Дали и вие страдате од „прегореност“? Време е за промена на стратегијата

Грижата за професионалните обврски ви го окупира секој слободен момент? Мислите дека нема да стигнете да завршите нешто? Постојано сте уморни и исцрпени, се чувствувате исцедено? Секој ден е ист и подеднакво лош? Овие и слични ситуации укажуваат на тоа дека се наоѓате на пат да прегорите и да ги потрошите сите залихи на енергија. Синдромот на „прегореност“ се дефинира како состојба на постојана физичка, умствена или емоционална исцрпеност. Иако често се поврзува со професионалниот живот, секој кој се чувствува така може да страда од овој синдром, без оглед дали работи напорна работа или е мајка која се грижи за трите деца. 

Како да се препознаат знаците?

Меѓу главните виновници за синдромот на прегореност е стресот, односно постојано живеење во стрес. Важно е да се нагласи дека оваа состојба не се појавува преку ноќ, а знаците можат да бидат многу суптилни. Затоа е важно да се обрне внимание на сигналите кои телото ни ги праќа. Телесните симптоми вклучуваат постојано чувство на умор, чести главоболки, ослабен имунитет, често заболување од болести, тешкотии со спиењето. Ова може да биде пропратено со когнитивни симптоми како проблеми со помнење и концентрација, намален фокус и црни мисли поради кои ситуацијата делува уште полошо. Повлекување во себе, изолација, бегство од одговорност, намалена продуктивност и исфрлање на фрустрациите врз другите околу себе укажуваат на тоа дека ви е потребен одмор, опуштање и полнење на „батериите“.

Момент за промена на стратегијата

Ако вашиот ум и тело постојано се на работ поради стрес, време е за промена на стратегијата пред целосно да прегорите. Ова е знак дека нешто не е во ред со вашата целокупна животна ситуација и тогаш мора да почнете да размислувате на промена во многу полиња и да почнете да ги решавате изворите кои го предизвикуваат ова. 

Техники на опуштање

Речиси е невозможно во целост да се избегнат сите стресни ситуации во животот. Но, можете да го измените начинот на кој тие ситуации делуваат на вас. Техниките за опуштање се одличен начин со кој можете да го елиминирате стресот. Има многу такви техники, но најважно е да го најдете она што вам највеќе ви одговара.

Кога ќе ви затреба помош

Сепак, има моменти кога можеби ќе ви затреба стручна помош. Без оглед на тоа дали ви е срам или не, не се плашете да појдете на психолог. Разговор со стручни лице ќе ви помогне да поработите на работите кои ви создаваат притисок или стрес. Освен психотерапија, еден од најдобрите начини за справување со стресот е интензивно занимавање со спорт. Одлични резултати дава и танцувањето. 

Освен тоа, овие шест совети исто така може да ви помогнат:

Грижете се за себе

Ако ви се чини дека вашите залихи на енергија се при крај, време е да направите нешто за себеси. Прегорени нема никому да бидете од корист, најмалку на себе. 

Направете пауза

Ако мислите дека сте незаменливи и дека ништо нема да се случи без вас – во заблуда сте. Наместо да прегорите, направете пауза. Самите најдобро си знаете дали ви треба пауза од 10 минути или да отидете на годишен одмор без мобилен телефон.

Не ги преувеличувајте проблемите

Ако сакате да си ги замислувате најлошите сценарија, ве молиме немојте да драматизирате. Наместо тоа, со ладна глава запрашајте се кој е проблемот и како можете да го решите.

Мислете позитивно

Полесно е да се каже отколку да се направи, но постојат начини со кои можете да го замолчите вашиот вечен песимизам и еднаш засекогаш да научите да носите со стресот. Внимавајте на вашите мисли: ако поголемиот дел од нив се негативни, дефинитивно е време за промена. 

Преземете контрола

Престанете да се гледате себеси како жртва и почнете да се сметате за создавач на сопствениот живот, што всушност и сте. Создавачите бираат каков ќе им биде животот, а на жртвите им се случува живот. Секоја ваша одлука може да се промени или пренесочи, сѐ зависи од вас.

Повеќе движење

Занимавајте се со движење за одржување на кондицијата, но и за умствена чистина. Спортот, танцувањето, вежбањето и движењето се најдобар начин за исфрлање стрес. Секако на тоа додадете и балансирана исхрана, квалитетен сон и техники за опуштање и веднаш ќе забележите разлики.