Легендарниот моден дизајнер Кристијан Диор ќе рече „На светот нема грди жени. Постојат жени кои не знаат ниту со малку труд да бидат убави“.
Во оваа насока женската убавина може да биде навистина моќна, но не секогаш е лесна. Понекогаш е потребено да се вложи малку труд за истата да биде истакната, препознаена, „пријатна за око“, благородна...
Нежна, елегантна, грациозна, маркантна...за мене тоа претставува женска убавина, вели д-р Роберт Стојовски, пластичен хирург омилен на голем број Македонки кои сакаат да изгледаат убаво.
Денеска, за разлика од минатото, е многу полесно и подостапно да се инвестира во убавината и се она што го носи таа – поголема самодоверба, а со самото тоа и повеќе лична среќа и задоволство кои несомнено се рефлектираат и во надворешниот свет.
Дури и стручните лица, психолози, тренери за личен развој, психијатри се на ставот дека ако некој физички недостаток се доживува на психолошко ниво како комплекс, извор на недоволно самодоверба и/или срам, пациентот треба да се соочи со тоа и да го превземе најдоброто решение, дури тоа да подразбира и естетска корекција, во име на менталното здравје.
Трендот за корекции со помош на пластичката хирургија зема сѐ поголем замав и кај нас. Ова го потврдува и Роберт Стојовски, Специјалист по пластична и реконструктивна хирургија со над десетгодишно искуство со кого поразговаравме на оваа актуелна тема.
-Да, секако и во Македонија се следат светските трендови кога е во прашање естетската хирургија. Во мојата пракса која е повеќе од десет години, секоја година се зголемува бројот на пациенти кои побаруваат естетски третмани, вели докторот.
Изминативе години најбарани се операциите за разубавување на лице, но акцент се става и на корекциите на одредени делови од телото.
Што најмногу менуваат на себе/корегираат Македонките? Дали приоритет се дава на лице или на тело?
-Нехируршките третмани се изведуваат во над 95% на лице, додека за хируршките, во мојата пракса, е подеднакво за глава и тело. Најчесто побарувани операции на лице се подигнување на очни капаци и корекција на клемпави уши, а на тело зголемување на гради како и отстранување на масни наслаги од стомак и вишок кожа, појаснува д-р Стојовски.
Жените, кога станува збор за убавината, знаат да бидат комплицирани. Неприкосновено правило е да се почитуваат стручните совети.
-Моите пациенти секако дека ги слушаат моите совет и взаемно се договараме што е најдобро да се направи, споделува докторот за своето искуство.
Додека во светот медиумите пренесуваат приказни за екстремни случаи на менување на физичкиот изглед, како на пример ултра големи гради, усни, изглед на „барби“... ова ретко е случај кај нас. И кај д-р Стојовски ваквите случаи се ретки.
-Да, секако има, но во мојата пракса ретки се и истите не ги работам бидејќи не се согласувам со екстремни промени.
Се погласни се критиките и дека денешните жени (во голем дел) изгледаат „копи- пејст“, дека стандардите за убавина се премногу унифицирани, па така сите се слични (полни усни, долга права коса, подигнати очни капаци, подигнати јаболкници, исцртани веѓи, идеални гради...). Има ли простор за вакви критики и која е причината за ваквата појава? Еве што вели нашиот соговорник.
-Има голем број на доктори кои работат унифицирани третмани, а не според физиономијата на пациентот. Јас себе си се сметам за уметник и само ги корегирам асиметриите и ги нагласувам убавите црти на пациентот, вели Роберт.
Со оглед дека секоја работа врзана во медицината е стресна и напорна го прашавме и како ги „полни батериите“, но и што му пречи во градот каде живее и работи.
-Слободното време најчесто го поминувам во спорт на отворено и сум вистински вљубеник во преубавото Водно. Во Скопје ми пречи преголемата гужва и некултурните возачи како и премалиот број на паркинг места, вели д-р Стојовски чии раце разубавуваат голем број Македонски од различни генерации.