
Денеска се празнува Ѓурѓовден, еден од најголемите и најпочитувани пролетни празници во Македонија, посветен на Свети великомаченик Георгиј Победоносец. Празникот, кој се слави на 6 мај според новиот календар, симболизира будење на природата, нов живот, плодност и надеж.
Ѓурѓовден со векови не го празнуваат само православните христијани, туку и голем дел од населението на Балканот, што покажува дека во неговата основа се испреплетуваат христијански и многу постари народни верувања поврзани со пролетта и обновувањето на животот.
На овој ден именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и други.
Според народната традиција, ноќта спроти Ѓурѓовден е исполнета со бројни обичаи што се изведуваат за здравје, среќа и бериќет. Еден од најпознатите е китењето на домовите со зелени гранки и плетењето венчиња од пролетни билки и цвеќиња, кои се поставуваат на вратите и прозорците за домот да биде „бериќетен“ и исполнет со здравје.
Посебно место има и утринското миење со вода во која претходната вечер се ставаат дрен, здравец, црвено јајце и други билки. Според верувањата, децата се мијат „за да бидат здрави како дрен“, девојките „за да бидат посакувани“, а старите „за да ги служи здравјето“.
Во многу краеви од Македонија постои и обичај луѓето рано наутро да се капат во река или изворска вода, бидејќи се верува дека водата на Ѓурѓовден има посебна моќ.
Ѓурѓовден низ историјата бил поврзуван и со бројни мистични и магиски верувања. Во народните преданија се споменуваат ритуали за плодност, заштита на стоката и „преземање млеко“, а се верувало и дека токму оваа ноќ има посебна сила за изведување магиски дејствија.
Свети Георгиј Победоносец, кому му е посветен празникот, според христијанската традиција бил римски војник и храбар заштитник на христијанската вера. Тој бил погубен во 303 година за време на прогоните на христијаните од страна на царот Диоклецијан. На иконите најчесто е претставен како коњаник што ја убива ламјата – симбол на победата над злото.
Во народните песни и преданија, свети Ѓорѓи е опеан како „небесен клучар“ кој ја отвора природата и го носи летото. Токму затоа, во македонската традиција Ѓурѓовден се смета за почеток на летната половина од годината.
Многубројните обичаи, песни и верувања поврзани со овој ден и денес се жив дел од македонската традиција, потсетувајќи на длабоката врска на човекот со природата, животот и надежта за нов почеток.