Да не си им во кожа: Само 24 отсто од онколошките пациенти добиваат терапија, останатите не ја добиваат

Поразителен е извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во врска со онколошките пациенти кои треба да ја користат биолошката терапија, а истата не ја добиваат, односно само една четвртина од нив ја добиваат. За набавка на биолошката терапија минатата година биле одобрени речиси 21 и пол милиони евра. Иако има зголемување за двојно на средствата за оваа намена, тие не се доволни.

„И покрај зголемувањето, одобрениот условен надоместок не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата. Од добиените податоци пациенти кои терапијата ја примаат во дневна болница чиј број во 2023 година изнесува 54.423 утврдивме дека само 24% се приклучени на биолошка терапија“, стои во ревизорскиот извештај.

Иако од лани се изготвени и се применуваат повеќе протоколи/упатства за дијагностика, третман и следење на онколошки пациенти во кои како терапија е вклучена и биолошката, се уште не се одобрени од страна на Министерството за здравство.

Единица за централна подготовка на цитостатска терапија, односно KATO системот исто така се уште не е во функција. За негова набавка се дадени околу 162 илјади евра, а лани биле детектирани проблемите.

„Системот е делумно опремен, недостасуваат клучни компоненти, а просторот не е адаптиран за стерилно работење. Дополнително, подготовката на терапијата со овој систем трае подолго време, што ќе го зголеми времето на чекање за апликација на терапија, Клиниката нема доволен број фармацевти за работа со системот, а потребни се и дополнителни средства од околу 8 милиони денари годишно за потрошен материјал“, се додава во извештајот.

Министерството за здравство годинава спровело тендер за набавка на делови потреби за да се стави системот во употреба, но не била поднесена ниту една прифатлива понуда.