Д-р Стојанов: Не трицифрени, четирицифрени бројки на заразени ќе има, 90 отсто од мерките не се почитуваат

Бројот на починати во Македонија надмина 500. Од вчера веќе има точно 505 починати пациенти од корона вирусот, а бројот на заразени е повеќе од 11.000 граѓани. Ваквиот тренд е ресултат единствено на непочитување на мерките за кои Комисијата за заразни болести упорно зборува во изминатите речиси 6 месеци. Епидемиологот, д-р. Александар Стојанов, директор на Центарот за Јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, предупредува дека со непослушноста на граѓаните може да ни се случуваат и четирицифрени бројки на инфицирани со Ковид-19 на дневна основа, нагласувајќи дека во нашава земја серизно недостасуваат казни.

-Крајно сум разочаран од однесувањрто на граѓаните. За се да функционира како што треба, без речиси никаков ризик од зараза со вирусот се дадени протоколи. Но, никаде, ама баш никаде не се почитуваат како што треба. Дури 90% од мерките и протоколите не се спроведуваат. Нормално е да имаме вакви бројки. Јас не можам да разберам дека голем дел од граѓаните се уште не веруваат дека вирусот постои, а посебно ме загрижува тоа што дури и здравствени работници велат дека Ковид-19 не постои. Се додека владее ваквото мнение, и се додека свеста на народот не се промени, а да бидам искрен и не очекувам да се случи пресврт, Македонија ќе биде ризична земја кога станува збор за ширењето на заразата со корона вирусот, вели за Фактор, д-р. Стојанов.

Во нашиот разговор тој наброи каде се на големо се потфрла во непочитувањето на општите мерки за безбедност по здравјето, односно носење маска и одржување растојание, напоменувајќи ги пред се плажите, каде младите прават журки, автобусите кои превезуваат патници, како и транспортот во кои се возат вработените во конфекциските фабрики во источните градови во Македонија.

-Автобусите од Скопје до Охрид и обратно се преполни. Каков 50% од капацитетот, тие се полни до последното место. Каде е потребното растојание? На плажите не може игла да падне. Журки преку ден, журки навечер. А, потоа ќе кукаат родителите, немале да ги пуштаат децата во школо. Па тоа ќе бидат единствените контролирани средини, каде што ризикот од зараза е сведен на минимум. Да не зборувам за превозот на конфекциските работници, ништо не се почитува, ништо, разочарано појаснува д-р. Стојанов.

Во оваа насока, тој прашува каде 

се инспекторатите, (трудов и пазарен) нагласувајќи дека тие се надлежни за затворање на објекти и места, каде се прекршуваат здравствените протоколи, а истовремено напоменува дека епидемиолозите по 6 месеци се крајно исцрпени од состојбата во земјава.

– За да се направи квалитетна анкета, еден епидемиолог во своето 8-часовно работно време може да испита 5-6 заразени граѓани и да се најдат неговите контакти и тие да се анкетираат. Немаме проблем кога бројот, на пример во Скопје е 20-30 новозаразени. Но кога станува збор за 60, 70, 80, тоа е навистина премноги. Тогаш имаме сериозни проблеми, па состојбата тешко се става под контрола, истакнува д-р. Стојанов.

Според него, дури и да има вакцина, најверојатно бројот на починати не би бил толку голем, но како што вели вирусот нема да исчезне преку ноќ.

-Овој вирус ја урна целата наука. Има многу млади кои починаа, без претходни сериозни здравствени состојби, освен дебелина, а и многу возрасни пациенти од над 90 години кои успешно се изборија со болеста. За жал, не можеме да увеземе лекари и медицински сестри од странство, секаде се потребни. Затоа, можам само да порачам уште еднаш, дека сами сме одговорни за здравјето и се додека не се смени однесувањето, ќе се соочиме со уште потешка состојба, вели д-р. Стојанов за Фактор.

Извор: Фактор