Д-р Љума: Вина има и СЗО со препораките за изградба на „стиропорни" ковид – болници

Не е виновна само македонската Влада туку и СЗО со препораките за изградба на „стиропорни" ковид – болници кои, всушност, треба да се подигаат во воени услови надвор од населени места, вели за порталот МКД.мк д-р Илир Љума, лекар и поранешен заменик министер за здравство.

„Простор во цврстата градба на Клиничкиот тетовски центар бездруго има, можело да се создаде дополнителен ковид – центар на пример, при ушното, очното, хируршкото, интерното или пак при друго одделение. Па видовме колку пациенти биле стационирани вкупно за време на пожарот. Оттаму, дали треба да разговараме за, еве, дали било можно за четириесетина кревети да се најде просторија внатре во Клиничкиот центар и таа соодветно да се адаптира? Мислам дека нема дускусија дека било можно. Така требало да се постапи во ова време на пандемија и треба да се верува дека во таква цврста болничка градба изненадувачки и брзи хаварии од типот на пожарот од 8 септември не би биле можни. Да не зборуваме дека во еден клинички центар организацијата на работата, протоколите и можностите за евакуација се на многу повисоко ниво", вели Љума.

На информациите дека во болницата влегувале па и престојувале лица од надвор, Љума реагира дека и по дефиниција на медицинските протоколи како и според здравиот разум, особено кога станува збор за инфективни одделенија, освен медицински лица и пациенти, не може и не смее да има други лица.

„Тука лежи посебна одговорност. Независно дали станува збор за помош во негата, помош во поглед на секојдневните потреби, како што се носење храна и што и да е друго слично. Едноставно, тоа мора да е забрането. Истото важи и за ред други одделенија како за срцеви болни, одделенија за интензивна нега. Блиските на пациентите имаат право да бидат информирани за здравствената состојба на своите блиски, но не може да влегуваат, да седат, да се шетаат меѓу пациентите или да им помагаат на вработените. Дисциплината е во прашање“, вели тој.