Д-р Лазаров: Наредната седмица да очекуваме по 1200 случаи, допрва доаѓа најлошото

Собранието го изгласа предлогот за носење маска на отворено, а според здравствените лица со тоа ќе се намали ширењето на заразата во нашата земја.

Матичниот лекар Ненад Лазаров, во интервју за „Фокус“ сепак посочи дека таквата одлука е апсурдна од медицински аспект.

„Сите знаеме дека не е воопшто пристојно да се носи постојано маска. Хируршките маски не можат никако да бидат штетни за здравјето на луѓето, прашање кое се провлекува со ваквата одлука. Јас сметам дека со ваквата одлука – носење маски на отворено, сака да се воспостави контрола над населението, да се направи притисок. Па така, полицијата полесно ќе ги детектира тие кои се без маски и нема да може секој да влегува во маркет без маска“, вели Лазаров.

Во врска со тоа дали македонското здравство не успеа добро да се справи со коронакризата тој кажа: 

„Ние не бевме подготвени и лани, кога немаше Ковид-19. Тоа јавно се говори и не знам зошто луѓето се изненадени. Веќе не се издржува, преморени сме. Но, допрва ќе доаѓа најлошото. Ова е очекувано, со оглед на однесувањето на многу луѓе. Оваа бројка е од заразени од минатата седмица, па ќе доаѓаат нови кои во меѓувреме се заразиле. Ако оваа седмица имаме од 600 до 800 случаи, наредната седмица треба да очекуваме 1200-1300 случаи дневно“, смета Лазаров.