Д-р Даниловски со став за новите анти-ковид мерки: Немаат никаква епидемиолошка смисла

Епидемиологот д-р Драган Даниловски, во изјава за порталот „Плусинфо“ , го објаснува својот став во однос за новите мерки кои Комисијата за заразни болести ги предложи на Владата, а во врска со заштитата од корона вирусот.

Д-р Даниловски вели дека препораката на сите вработени во јавниот сектор да приложуваат барем една потврда за примена вакцина, немало никаква епидемиолошка смисла.

– Веќе на сите им е одамна јасно: една доза е исто како и ниедна во однос на заштитата од заразување со коронавирусот. Очигледно е дека мотивот зад оваа препорака е да се поттикне вакцинацијата, но ваквата мерка нема никаков противепидемиски ефект. Имајќи предвид дека и вакцинираните со две дози не се заштитени во голема мера од заразување, а кај нас се покажа дека таа заштита е околу 20 проценти, дури и ако би се барала потврда за примени две дози, повторно би се постигнал незначителен противепидемиски ефект. Вакцинираните со две дози би се стекнале со чувство на лажна сигурност и би се впуштиле безгрижно во дружби, потенцираше д-р Даниловски.

За разлика од вакцинираните со две дози, објасни Даниловски, невакцинираните и непрележаните, ако би се заразиле би имале потешки симтоми и би останале дома.

-И не би претставувале значајни извори на зараза. Настрана фактот што има лица кај кои воопшто не се развиваат антитела, особено оние кои примиле кинески вакцини, објаснува д-р Даниловски.

Тој вели дека и мерката за прележаните да приложат потврда за прележан ковид-19 не постара од 45 дена е епидемиолошки неоправдана и бесмислена.