Д-р Бубало: Брзата помош во просек, за едно деноноќие, има од 80 до 120 интервенции

Бројот на Брзата помош е 194 но, кога треба да се јавите на овој број и колку време е потребно тимот да стигне до вас зависи од повеќе фактори.

Итната медицинска помош секогаш е со полни раце работа, особено сега во услови на пандемија од корона вирус.

 Координаторката на Брза Помош, д-р Милица Бубало во разговор за Утрински брифинг вели дека во просек за едно деноноќие има од 80 до 120 интервенции.

-Итната медицинска помош има таква организациска поставеност во диспечерскиот центар постојано има тим на доктор и сестра кои што одговараат на повиците на граѓаните и ги дистрибуираат до екипите кои што се на терен. Во моментов во Итната медицинска помош имаме осум тима во текот на дневната смена и седум тима во текот на ноќната смена, рече д-р Бубало.

Докторката смета дека во моментов со овој медицински кадар може да се покријат потребите на граѓаните, но доколку би имале можност за нови вработувања секако би биле задоволни, рече таа.

-Во просек во текот на 24 часа има од 80 до 120 интервенции, граѓаните понекогаш бараат и совети, а ако имаат ургентна состојба, тие се приоритет за реакција на ИМП, вели Бубало.