Д-р Беќаровски: Ни се има случено ковид-пациент со јавен превоз да дојде за да побара помош

Реалните можности на нашиот здравствен систем се да апсорбира некаде 20-тина новопримени дневно во скопските болници плус десетина во другите градови, а со сегашните 40-50 приеми секој ден притисокот станува сѐ поголем и поголем. Кревети има, но проблемот е не само преморот, туку и бројот на заразени меѓу медицинскиот персонал, вели Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија во разговор за МКД.мк.

Ние сме во некој, условно речено шведски модел, но главната разлика е во ковид-позитивните пациенти што седат дома. Во Шведска е организирано ковид-позитивните пациенти да бидат видени од доктор, да бидат посетени, ако треба да се направат испитувањата, а кај нас тој дел за жал во моментов не функционира. Имаме проблем. На пример, секое дежурство доаѓаат ковид-позитивни дијагностицирани што пробуваат да контактираат со матичен лекар, но тие од голем број позитивни веројатно на некои не им ни одговараат. Ќе пробаат да се јават на Брза помош и таму е претрупан системот, па свесно, од што немаат како да добијат медицинска помош, го кршат правилото дека мора да седат дома и да им се организира превозот.

Кога ќе почне да се гуши, кога му е тешко, кога чувствува дека нема здив, ги прекршува сите протоколи. Влегува во кола, а нам ни се има случено дури и со градски превоз да ни дојде ковид-позитивен пациент што едноставно немал како да стигне до болнички третман. Мислам дека тука, кога би имало начин, со оглед дека сега е премногу раширено, да се овозможи малку поголем пристап до лекарска нега дома или да има во здравствените домови ден кога ќе може да се прегледуваат ковид-пациентите, овој хаос што настана со нивното шетање ќе се спречи. Зашто реално тие се резервоар и може и натаму да шират инфекции, вели д-р Беќаровски.

Додава дека би бил против носење маска надвор, но кога ние би биле малку поодговорно општество со поодговорни луѓе, ама факт е дека има и колеги кои не ги почитуваат мерките. Кога би носел одлуки, би се решил за благ полициски час од 23 до 5 часот, за да се спречи собирањето на младите и малолетници по паркови, па и во казина.