
Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје од Скопје вчера прогласија епидемија на западнонилска треска во повеќе делови од главниот град на Македонија.
Епидемија е прогласена во следните делови од Скопје: Кисела Вода кај Пржино, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Илинден, Драчево, Идризово, Јурумлери и Трубарево.
Д-р Златко Арсениевски кој е истакнат специјалист-епидемиолог вработен во Центарот за јавно здравје-Скопје и поранешен член на Комисијата за заразни болести објаснува дека прогласувањето на локална епидемија на западнонилска треска е резултат на значителното зголемување на бројот на регистрирани случаи во однос на претходната година.
- Во 2025 година биле регистрирани само два случаи на западнонилска треска, додека од почетокот на јули годинава до денес во Скопје се регистрирани 25 случаи, при што сите се со невроинвазивна, односно тешка форма на заболувањето. Западнонилската треска се пренесува преку убод од инфициран комарец, вели тој.
Според Арсениевски, важно е да се знае дека не секој комарец е инфициран и не секој убод претставува опасност.
Клучниот фактор е присуството на вирусот во популацијата на комарци.
Прогласувањето на епидемијата, посочува тој, не треба да биде причина за паника кај граѓаните, туку да овозможи поголема координација меѓу институциите, засилен надзор, дополнителни ресурси и поефикасно спроведување на мерките за заштита.
„Паника не помага. Свесноста помага“, е пораката на Арсениевски, кој ги повикува граѓаните да ги отстранат местата со застоена вода, да користат репеленти, да постават мрежи на прозорците и вратите и, особено во периодите кога комарците се најактивни, да носат облека со долги ракави и ногавици.
Особено внимание, според него, треба да посветат лицата над 60 години, кај кои постои поголем ризик инфекцијата да премине во тешка форма.