Цвеќиња, трева, украсни дрвја, фонтани, езерца - скопјани уживаат во убаво средени дворови

Сѐ почесто низ градот се забележуваат убаво уредени дворови, со секогаш искосена трева, разни видови цвеќиња, дрвја, грмушести растенија, а околу нив маса и столови за одмор, па дури и интересни камени патеки или, пак, мали фонтани и езерца.

Во градот има над триесет расадници на цвеќе и друг вид расаден материјал, кои ги снабдуваат скопските дворови со грст природа. 

Скопјани уживаат во зеленило и хортикултурно уредени простори. Трендот на уредување на дворовите се засилува од година на година.

Сега е период на поткастрување на дрвцата, прихранување на земјиштето и засадување нови садници. Сега е време и кога се прскаат садниците против штетници.

Сѐ повеќе граѓани грижата за дворовите им ја препуштаат на фирмите што се специјализирани за хортикултура. Од центарот на градот трендот на уредување дворови се шири кон периферијата.

Освен убаво уредените дворови, кои цветаат во овој период, низ градот секојдневно ги среќаваме и уличните продавачи на цвеќиња.

Најчесто се наоѓаат на пазарите, но може да се сретнат и пред маркетите или, пак, во центарот на градот по најфреквентните улици. Продавачите на цвеќиња што секојдневно стојат пред маркетот „Веро“ во Тафталиџе велат дека баш овој период се раздвижува продажбата на цвеќиња, односно граѓаните сакаат да купат зумбули, нарциси, каранфили. Сепак, и покрај тоа, продавачите се жалат на слабиот промет и велат дека тешко се заработува за живот од уличната продажба на цвеќиња.