Црн ден на македонсите патишта, загинаа три лица, повеќемина повредени

Три лица го загубија животот во тешки сообраќајни несреќи што се случија по македонските патишта изминатите 24 часа. Повеќе лица се повредени.

Вчеравечероколу 21.15 часот на регионалниот пат Кавадарци – с.Росоман се случила сообраќајна несреќа помеѓу автомобил „пежо“, со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од П.М.(38) и трактор, со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од М.З.(33), двајцата од Кавадарци.

Во незгодата починал возачот на тракторот, а П.М. и сопатничката од истото возило, Љ.С.К.(43) од Кавадарци, се здобиле со телесни повреди. Бил извршен увид на местото на незгодата.

Ноќта околу 01.30 часот, пак, на локалниот пат с.Стојаково – с.Богородица, А.П.(54) од с.Стојаково, управувајќи патничко моторно возило „сеат леон“, со гевгелиски регистарски ознаки, во кое како сопатник се превезувала и неговата сопруга, излетало од патот.

Откако пристигнала екипа на Итна медицинска помош тој починал. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица Гевгелија и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено за обдукција.

Рано утрово во 5 часот во полиција било пријавено дека на влезот во Кавадарци, Г.Б.(69) од Кавадарци, управувајќи трактор, изгубил контрола и се превртел, при што починал на местото. Увид извршила увидна екипа од Полициската станица Кавадарци.

Вчеравечер во20.45 часот на регионален пат Валандово – Струмица, пред крстосница за село Раборци, товарно возило „мерцедес спринтер“, со битолски регистарски ознаки, во кое биле превезувани 50 мигранти од Индија, Авганистан и Пакистан, се превртело на коловозот. По незгодата возачот побегнал од местото.


(фото: Струмица денес)

Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобиле четворица мигранти, а 10 се здобиле со телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Струмица, каде што биле пренесени за укажување на лекарска помош. Останатите мигранти биле пренесени во Прифатниот центар Гевгелија. Увид на местото на незгодата извршиле Јавен обвинител и екипа на СВР Струмица. Се работи на расчистување на случајот.