Ципрас на 1. октомври во Скопје

Лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас, следниот вторник, на 1 октомври ќе биде во Скопје, на конференцијата посветена на Западен Балкан што ја организира „Економист“, jави  МИА од Атина.

На самитот за Западен Балкан „Зајакнување на моментумот за европска интеграција“, на различни панел дискусии ќе дебатираат, меѓу другите и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за финансии Нина Ангеловска, лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција Алексис Ципрас, поранешниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц, поранешниот помошник државен секретар на САД Вес Мичел, заменик претседателот на ЕП и европратеник од СИРИЗА Димитрис Пападимулис, поранешниот премиер на Белгија Ги Верхофштад и други.

Конференцијата, официјално ќе биде отворена со обраќање на премиерот Заев, на тема „Стабилност и развој во Југоисточна Европа, дали сме на правилниот пат?“

На посебна панел дискусија, во рамките на еднодневната конференција Заев, Ципрас и Шулц ќе дебатираат за тоа „Кои се следните чекори за европска интеграција на Западен Балкан?“.