Чулев: За собирот во Струга, Спасовски треба да бара одговорност во Бирото за јавна безбедност

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев реагира по изјавата на премиерот Оливер Спасовски, во која тој побара од него да поднесе оставка поради нереагирање од страна на полицијата за време на верскиот собир во Струга.

„За да бидат работите целосно јасни, најпрво ќе го упатам таа професионална одговорност да ја побара од луѓето во Бирото за јавна безбедност кои се поставени токму од него, а кои во хиерархиската поставеноста на Министерството за внатрешни работи ја имаат директната одговорност на конкретниот настан на кој тој посочува пропусти од страна на полицијата“, вели Чулев во реакцијата.

Понатаму министерот го обвинува Спасовски за дестици незаконски тендери во Министерството за внатрешни работи.

Јавноста е сведок, вели Чулев, дека во времето на Оливер Спасовски, на големо се шпекулираше дека полициските структури блиски до него се на платен список кај криминалните структури, а неспорен е и фактот дека токму во тоа време во неколку наврати се случуваше бегство на осудени лица за тешки кривични дела.

„На Оливер Спасовски веројатно му пречат констатациите на граѓаните дека во последните три месеци од страна на полицијатa се реализирани многу повеќе акции во споредба со целиот негов мандат во МВР или пак тој е уплашен од неселективното спроведување на законите и безпоштедна борба против криминалот и корупцијата. Граѓаните, но и самиот Оливер треба да бидат смирени. Јас сум човек професионалец и мене не ме интересира политика. Во фокусот на моето работење се граѓаните и мојата држава и ќе направам се што е во мои раце Министерството за внатрешни работи и во иднина да биде вистински сервис и заштита на секој еден чесен и искрен човек. За каков морал и за каква одговорност зборува Оливер Спасовски? Зарем погореспоменатите работи не се доволен аргумент против тоа?“, наведува Чулев во реакцијата.