Чорбаџиски ручек: Неделен мерак на семејната трпеза

Ова јадење во минатото можеле да си го дозволат само богатите, па така и го добило името чорбаџиски ручек. Денешното динамично време не ни дава многу простор за заеднички семејни оброци, но неделата е секако резервирана за убав, опуштен семеен ручек. Токму затоа, ви го предлагаме рецептот за чорбаџиски ручек.

Состојки:

половина килограм телешко месо

1 кромид

1 зелена пиперка

300 гр. шампињони

4 чорбаџиски пиперки (потпечени и отстоени во маринада од оцет, магдонос и лук)

1 филџан сос од домати

3 кисели краставички

100 гр. сирење

4 јајца

сол, црвена пиперка и свеж магдонос

Подготовка:

Месото се сецка на коцки и се става да се пропржи. Се додава секцканиот кромид, шампињоните и зелената пиперка. По 5-6 минути се додаваат сецканите краставички, сосот од домати и чорбаџиските пиперки. Откако ќе се издинста, после 20-30 минути се става сирењето, иситнето на трошки. На крај во тавата се додаваат изматените јајца, јадењето се посолува и се ставаат другите зачини. Се готви уште 15 минути.

Вистинско уживање за неделен семеен ручек.