Чести убоди од комарци - третман и ризици

Овој период, честа е појава на убоди од комарци и други инсекти, а градските власти применуваат авионска дезинсекција како мерка за превенција. Многу граѓани се жалат од лести и многубројни убоди на комарци, кои предизвикуваат осип, црвенило на кожата и интензивно чешање. Лекарите велат дека теоретски сите убоди од комарци или други инсекти , како крлежи , тавтабити , пајаци, оси , пчели и сродни артроподи,  можат да предизвикаат брза алергиска реакција кај пациенти што имаат алергиска преостеливост кон нив. Д-р Тимосије Јованоски, специјалист по општа медицина, потенцира дека во пракса, вистинските и животозагрожувачките алергиски реакции кон овие убоди се исклучително ретки. Тоа поразбира исто така ретка потреба од посета на лекар или болничка установа.

-Сериозна алергиска реакција што треба да се третира од лекар подразбира брз развој на сериозна симптоматологија после убод, обично во рок од неколку секунди или минути, и може да ги вклучува сите или најчесто само дел од следните симптоми и знаци : Појава на брз кожен осип сличен на тој што се јавува при контакт со коприва низ целото тело, интензивен јадеж и црвенило , што може да започне на дланките и табаните како лесно пецкање; потешкотии со дишењето , глад за воздух , свирење во градите, звучно дишење, засипнување на гласот до губење на гласот, кашлица што може да биде упорна и интензивна но најчесто е умерена, темнење пред очите , вртоглавица , повраќање и губиток на свест, брзо отекување на лицето , усните, јазикот и грлото што прават проблем во дишењето (ангиоедем), силна болка во стомакот и дури и пролив во некои случаеви, низок крвен притисок до немерлив , брз и тешко опиплив пулс, препотување и помодрување - наведува д-р Јованоски.

При појава на вакви симптоми неопходна е итна интервенција и упатување на доктор во најбрз можен рок. Ако пациентот знае за својата алергија или имал сериозна алергиска реакција претходно , се препорачува со себе да носи претходно наполнето пенкало со адреналин т.н. EpiPen што ќе го вбризга веднаш после несреќниот настан и појава на горенаведените симптоми, додава Јованоски.

-Сепак, во најголем дел од случаите убодите предизвуваат само локална реакција на црвенило , локален јадеж , лесен оток и топлина. Прва помош при ваквите реакции треба да биде аплицирањето мраз и ладни облоги врз местото на убодот. Во случаите кога убодот е од инсект како оса, претходно треба да се отстрани осилото. Може да се земе и системски антихистаминик преку уста ако е достапен. Ако во првите моменти   после убодот не се јави генерализирана реакција , ризикот да се појави подоцна е значително мал. Посетата на доктор не е потребна - нагласува д-р Јованоски. 

За да се спречат убодите од комарци се препорачува носење облека со долги ногавици и ракави, употреба на мрежи ако се преноќува во природа и употреба на мрежи на прозорците и вратите во домот, како и користење на локални репеленти што се прскаат или нанесуваат на кожата или репеленти во просторот, советува Јованоски.