Чаирчани рушат рекорди по бројот на новороденчиња!

Населението во три скопски општини во последното тримесечие лани се намалило како резултат на негативниот наталитет. Станува збор за општините Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров. Бројките на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на жители во последните три месеци во 2017 година се намалил во Кисела Вода за 28, Карпош за 20 и Ѓорче Петров за еден.

За разлика од претходните податоци каде што Карпош водеше во негативниот прираст во последните месеци лани Кисела Вода го презема приматот. За разлика од трите општини, останатите скопски општини сите бележат зголемување на бројот на жители.

Во Аеродром бројот на жители се зголемил за девет, во Бутел за 26, Гази Баба за 51, Сарај за 67. Повеќе новородени од умрени за истиот период бележат и општините Центар 23, Шуто Оризари 68. Најголем природен прираст во континуитет продолжува да бележи општина Чаир. Во оваа општина бројот на новороденчиња изнесувал 267 што е најмногу од скопските општини , а умрени 117, односно општината добила 150 нови жители.

Податоците на статистика говорат дека во последните три месеци лани има позитивен прираст, односно родени се 5.352 бебиња, а умреле 4.848 лица. Сепак, за 2,3 проценти е намален бројот на живородени деца, а за 12,6 отсто на умрени лица од нив 36 се умрени доенчиња.

Податоците покажуваат дека во Скопје во последното тримесечие лани градот добил 345 нови жители.
Општините Карпош и Кисела Вода се општини со старо население, затоа и се очекува кај нив да има пад во природниот прираст. За разлика од нив Аеродром е општина со младо население и затоа и бројките таму се позитивни, велат статистичарите.