Цените на нафтата паднаа откако Трамп му се закани на Иран со 20 пати посилен удар доколку ја блокира бродската рута во Ормутскиот теснец

Цените на нафтата денеска паднаа, откако американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Иран да не ја блокира бродската рута која е клучна за глобалното снабдување со енергија.

„Ако Иран направи нешто што ќе го запре протокот на нафта во Ормускиот Теснец, ќе биде погоден од Соединетите Американски Држави ДВАЕСЕТ ПАТИ ПОСИЛНО отколку што беа погодени досега“, објави тој на социјалните мрежи.

Во доцното претпладневно тргување во Азија, нафтата од типот „брент“ беше за 6,5% пониска, со цена од 92,46 долари (£68,78), додека „Nymex Light Sweet“ падна за 7% на 88,15 долари.

Нафтата вчера достигна речиси 120 долари за барел поради стравувањата дека американско-израелската војна со Иран ќе предизвика долготраен прекин на снабдувањето од Блискиот Исток, но цената падна откако Трамп сугерираше дека војната набрзо би можела да заврши.

„Направивме мала екскурзија бидејќи чувствувавме дека мораме да го сториме тоа за да се ослободиме од некое зло. Потоа, мислам дека ќе видите дека тоа ќе биде само краткорочна екскурзија“, изјави Трамп за време на прес-конференција во Флорида.

Падот на цените на нафтата денеска им даде момент на трговците да „здивнат“, но енергетските пазари остануваат во состојба на постојана борба меѓу спротивставени влијанија, изјави Алберто Белорин од инвестициската фирма за нафта и гас „InterCapital Energy“.