Царовска: Едукацијата во училница нема подобра алтернатива

Многу труд и енергија вложивме заедно со мојот тим, за да ги придвижиме напред работите кои требаше да се променат пред повеќе од две децении. На добар пат сме и нема откажување. Промените започнуваат етапно со почетокот на новата учебна година, а ефектите ги очекуваме за пет-шест години, вели министерската за образование и наука Мила Царовска во интервју за МИА.

Новата учебна година утре почнува со отворени врати на училиштата за сите ученици, со исклучок за Тетово и Гостивар, каде средношколците наставата ќе ја почнат онлајн, согласно проценката по однос на ризик и одлука на Комисијата за заразни болести, заради големиот број заразени во овие општини.

Царовска во интервјуто за МИА нагласува дека имаат план и протоколи за постапување на училиштата за состојбата да биде одржлива. Нагласува дека повеќе од јасно е дека едукацијата во училница нема друга подобра алтернатива која може да го задоволи најдобриот интерес на учениците и да ги ослободи родителите од дополнителни грижи и обврски, намалувајќи го времето на учење заедно со нивните деца во домашни услови, а воедно и да ја одржи сатисфакцијата и мотивацијата за посветеност во работата кај самите наставници.

Додава дека за да се одржи таа состојба потребна е максимална грижа и одговорност од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители и тоа не само во училиштата, туку и секаде надвор од нив.

Министерката Царовска за МИА нагласи дека досега е вакциниран над 70 отсто од наставниот кадар, што како што посочи, е добра основа за физичко присуство, а во случај да се прошири заразата во училиштата МОН има подготвено две дополнителни сценарија.

Како алтернативи на наставата со физичко присуство се хибридниот модел, односно онлајн настава за сите ученици освен за учениците од прво до четврто одделение, а другата опција е комбинирана настава, односно учениците од секое одделение да се поделат на две групи и да ротираат на училиште преку една недела, додека другата група следи онлајн настава.

Со Царовска разговаравме и за новините, кои ќе се воведат од оваа учебна година, за кои таа посочува дека се прават етапно. Се почнува со прво и четврто одделение, а ќе се заврши со деветто одделение за некоја година.

Министерката вели дека новите наставни програми, наложуваат поголема интеракција помеѓу наставниците и учениците, што значи, како што вели дека пасивното предавање по принцип „пишување со креда на табла“ заминува во историјата.

-Сите ученици ќе бидат „будни“ и активни на часовите, ќе даваат придонес во реализацијата. Новите материјали за учење, како што споменав годинава за прво и четврто, ќе понудат информации што се лесни за помнење, а оние непотребните кои досега наставниците мака мачеа како да ги врежат во меморијата на учениците, се елиминираат, нагласува Царовска во интервјуто за МИА.

Со Царовска разговаравме и за најголемите предизвици со кои се соочила откако го преводи МОН, за покачувањето на платите на наставниот кадар, за Законот за учебници, но и за подготвеноста на самите училишта за претстојните промени. Министерката вели дека набавиле 10.000 таблет компјутери, првенствено за ученици од четврто одделение кои потекнуваат од семејства во социјален ризик, за да можат да ги користат дигиталните учебници, кои исто така се новина годинава. Досега 3000 од нив, како што рече, се се распределени по училиштата.