Откако Стефан Лазаров, водителот и јутјубер, но и најдобар пријател на Зоки Василевски или познат како Зоки Фаци, упати апел до сите граѓани за помош во борбата со канцерот, бура од реакции се крена на социјалните мрежи.
Повеќето се едногласни дека на кого не им се допаѓа апелот едноставно треба да го прескокнат, има и такви кои прстот го вперија кон Лазаров затоа што, како што коментираат, сумата од 15.000 евра не е многу голема за Лазаров.
- Моите дома едно ме научиле, човек треба да се срами само кога лаже, краде и се сити на туѓа несреќа, но јас би дополнил дека најмногу треба да се срами кога осудува и се меша во туѓа приватност, а појма нема од ништо. Биткава со Зоки не трае 2 дена, ниту пак сумава е толку колку што е побарано, ниту пак ќе заврши тука. Само јас и тој знаеме низ што поминуваме месециве и низ што тек ќе треба да се поминува. Толку сте црни во душите што успеавте и во оваа ситуација да ми најдете некаква позадина или да направите слика дека јас имам нешто од ова. Знаев дека ќе биде вака, но завчера му кажав на Зоки, оздрави, биди добар и нека ме плукаат. Подобро тоа, отколку да гледам црно бели слики на вашите профили и како многу ќе ви биде криво што умрел ама бил легенда. Јас не кажав дека некој нешто мора, но сум преблагодарен што сепак имаме многу луѓе што не сакаат и застанаа до нас. Нека оздрави Зоки, ќе вратиме x100! - се огласи Лазаров на својот фејсбук профил.
- Отворете броеви итно!!!’ Дали некој/а ви е персонално омилен или не е најмалку важно. Канцер е гнасна болест и сите треба да бидеме солидарни. Отворете броеви веднаш! - порача адвокатот Јанаки Митровски.
Во подолг фејсбук статус се огласи новинарот Љупче Златев кој отвори неколку прашања, за како што наведе, она што се нарекува финансиска писменост.
- Имено, мене ми е чудно што човек кој вози скап Мерцедес (Стефан Лазаров), бара од нас да донираме 15.000 евра за неговиот колега, пријател, другар и соработник, вели Златев во својата објава која ви ја пренесуваме во целост:
- За некој кој така јавно се фали со својот висок стил на живот и јавно има кажано дека месечно заработува по 6.000 евра, не би требало да претставува проблем да одвои 2.5 месеци од својата заработка за својот близок соработник. Ако некој ти е близок, нема да ти биде проблем со тој кредитен рејтинг да подигнеш 15.000 евра и да ги вратиш за неколку месеци со годишна камата од некои 5.5%, која кога ќе ја поделиш на неколку месеци ќе излезе смешна.
Еве, јас на вработените во Радио Лидер сум им кажал дека јас и компанијата со целата наша заштеда стоиме зад нив во вакви ситуации. Колку можеме, до последен денар. Не ми е јасно зошто наводно најпрофитабилниот подкаст во земјава не би го сторил истото? Искрено посакав да донирам за Зоки, но за момент се запрашав, чекај? - Како тоа јас кој возам половен Форд, да донирам за некој кој вози нов Мерцедес? Јас кој си купувам облека во Вајкики (нема попаметна работа од тоа), да донирам за некој кој носи Келвин Клајн, Хуго, Бос, Версаче, Долче и Габана итн... Зарем сум луд да живеам повлечен и скромен живот и сега да донирам. Еве, летово не стигнавме ни на одмор да одиме... Не е фер вие сјајните да барате донации од нас обичните. Жално е што е така, ама така е. Постојат две можности. Првата е дека оној блескав и богат живот кој ни го претставуваат Лазаров и Зоки Фаци е лага, односно, станува збор за лажни тврдења за профит, лажни брендови и луксуз на кредити. Втората веројатност е дека станува збор за навистина себични луѓе, кои наместо самите да помогнат на некој кој им е близок, не тераат сите да им помогнеме. Двете можности се ужасни. Ќе се согласите? Темава за мене е болна, затоа што по 5 годишна битка со рак, пред два месеци почина мојот татко и знам колку многу таа битка го чинеше семејството финансиски. Но, кога станува збор за близок, од срце велам дека би продал се што имам ако тоа му го продолжи животот за уште еден ден. Само за еден ден повеќе за татко ми, би ја сменил цела земја, недвижнини и возила кои ги имаме. Штета што тоа не беше можно.Се надевам дека Зоки ќе победи во битката и од неа ќе излезе како подобар човек. Се надевам дека и ние како општество ќе победиме и ќе научиме да препознаеме колку е трул лажниот сјај.