Булинг во македонските училишта - кој е одговорен?

Темата за булингот, односно врсничкото психичко и физичко насилство, повторно се актуелизираше.

Несомнено, оваа појава е присутна на големо во македонските училишта.

Причини има многу, исто толку и неубави искуства кои во најголем број случаи може да остават низа далекусежни последици. Јавноста прстот го вперува во семејството, но и во образовниот систем и неговите (не) стручни служби.

-Булингот почнува од градинка, толку многу можат да бидат безмилосни децата. Некое носи очила, некое пелтечи, некое е повлечено, тивко, некое е малку заоблено, а зборовите печат до коска. Вртењето грб, исмевањето, озборувањето, игнорирањето, а ти мораш по осум часови да бидеш со своите садисти. Педагозите и психолозите најчесто се на страната на садистичката толпа, а проблемот го бараат кај чувствителното дете. И со возрасните е исто вака. Едноставно ордата најчесто пустоши и никому ништо, пишува на темава активистката Ана Глигорова.

На социјалните мрежи деновиве на големо се повикува на будност и акција.

-Булингот остава трауми, да не дозволиме да се упропастуваат и уништуваат нечии животи. Сите сме одговорни во процесот на растење и на психо-физичко созревање на младите луѓе. Без емпатија, толеранција, разбирање, помагање и заемна почит не можеме да градиме здраво општество на неоштетени поединци, пишуваат голем број родители и педагози.

Глигорова вели дека искучоци се оние кои се борат против оваа патолошка појава во нашето општество.

-Глупав си! Не те бива за ништо! Од двојка нема да мрднеш! Ваков вокабулар користеле и користат дел од наставниците. Не е се до родителите и битангите во класот, туку и до социолози кои шират религиозен фанатизам, хемичари на кои сите прашања ќе им ги одговориш и повеќе од 2 не ти ставаат, чекаат аванта, итн. Лудаци и профитери се повеќемина, со чесни исклучоци.

Дали коренот на проблемот за врсничкото насилство треба да се бара во семејството или во образовниот систем?

Ова се дел од мислењата на социјалните мрежи:

-Ова се последици од 30 годишното партиско угнетување на образовниот систем и поставување на некадарни клиентелисти, наместо професионалци…

-Какви родители - такви деца! Моделот се презема од родителот, се пренесува во училиште. Психолог и педагог не се станува само со диплома. За тие професии треба предиспозиција и мн работа на себе, а потоа да се практицира стручност, особено со деца.

-Вината е единствено кај родителите и кај никој друг. Ако тие не го воспитаат своето чедо да ги сака и почитува сите околу него со сите свои маани и квалитети, бадијала наставникот ќе укажува. Не сакам да застанам на ничија друга страна но да бидеме реални. Од пуста трка за пари многу дечиња се размазени и разгалени, а некои не можат и патичиња да си купат....