Бриселскиот Манекен Пис во македонска носија по повод 8 септември

По повод 8 Септември и 35 години од независноста на Македонија, еден од најпознатите симболи на Брисел денеска доби македонски изглед. Легендарната статуа Манекен Пис беше облечена во традиционална македонска народна носија, која потекнува од селото Кучевиште на Скопска Црна Гора.

Свеченоста започна во Градското собрание на Брисел, каде беше претставена носијата и нејзиното културно значење. На настанот се обратија шефот на македонската Постојана мисија при Европската Унија, амбасадорот Зулфи Исмаили, како и претставник на локалните власти на Брисел.

По презентацијата, носијата официјално беше предадена од амбасадорот Исмаили на градоначалникот на Брисел, Филип Клосе. Потоа следуваше процесија од Градското собрание, на плоштадот Гран Плас, до фонтаната каде што се наоѓа Манекен Пис.

Таму, пред погледите на минувачите и туристите, малата бронзена статуа е облечена во македонската носија.

На свеченоста присуствуваа претставници од општествениот и културниот живот на Брисел, членови на македонската дијаспора и претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и постојаниот претставник на Македонија во НАТО, амбасадорот Орхан Муретзени, и в.д. амбасадорката во Белгија, Сузана Мехмеди.

Од Кучевиште до Брисел

Изборот на носијата од Кучевиште му дава дополнителна симболика на настанот. Од едно македонско село, традиционалниот костим денеска стигна до самиот центар на европската престолнина и стана дел од приказната на еден од нејзините најпрепознатливи симболи.

Манекен Пис е висок само 55 сантиметри, но неговото значење за Брисел е многу поголемо. Статуата, која датира од XVII век во својата денешна форма, е поврзана со легенда според која мало момче го спасило градот од пожар така што го изгаснало запалениот фитиљ на експлозивот. Со текот на времето, Манекен Пис прераснал во симбол на независниот, слободоумен и бунтовен дух на Брисел.

Необичен дел од неговата традиција е и гардеробата. Статуата редовно добива различни костими по повод национални празници, културни настани и значајни датуми, а колекцијата денес содржи повеќе од илјада костими од различни земји и организации.

Од денес, меѓу нив е и македонската народна носија.

Нејзините везови, бои и детали не се само украс. Тие се дел од културното наследство кое се пренесувало од генерација на генерација и во себе носи траги од животот, обичаите и идентитетот на луѓето што ја создале.