Божиновска: Македонија станува активен партнер во новата енергетска архитектура на Европа

Македонија од денеска е дел од Вертикалниот гасен коридор, регионална иницијатива чија цел е да се поврзат гасните системи во Југоисточна, Централна и Источна Европа и да се овозможи снабдување со природен гас од повеќе извори и преку различни транспортни правци.

Во Солун беше потпишана заедничка декларација со која земјата официјално се приклучува кон рамката за соработка на Вертикалниот гасен коридор. На потпишувањето присуствуваше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Според неа, членството треба да придонесе за намалување на зависноста од еден извор на гас и да ѝ овозможи на Македонија поголема флексибилност при обезбедувањето енергенси.

„Македонија веќе не е пасивна крајна точка на мапата, туку активен партнер во новата енергетска архитектура на Европа“, изјави Божиновска.

Вертикалниот гасен коридор не претставува еден нов гасовод, туку мрежа од постојни и нови гасоводи, интерконектори и терминали кои се поврзуваат за да овозможат транспорт на гас во различни насоки.

За Македонија особено важен е интерконекторот со Грција, чија изградба е во тек, а пуштањето во употреба е планирано за 2027 година. Преку ова поврзување земјата ќе може да користи гас што пристигнува преку грчкиот систем, вклучително и преку ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис.

Почетниот капацитет на интерконекторот е планиран на 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно. Од Министерството оценуваат дека тоа ќе создаде услови за поголема конкуренција меѓу снабдувачите и поголема сигурност на пазарот. Следниот важен чекор е планираното поврзување со Србија. Со северниот интерконектор Македонија би се поврзала со гасните системи на Централна и Источна Европа.

Така, земјата би можела постепено да добие поширока улога во регионалната гасна мрежа – не само како корисник на гас, туку и како транзитна точка меѓу јужниот и северниот дел на регионот.

Вертикалниот гасен коридор во моментов ги поврзува гасните системи на Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Словачка и Унгарија, а со неговото проширување кон Западен Балкан се приклучуваат Македонија и Србија. Целта на иницијативата е да се создаде пофлексибилен регионален систем во кој гасот може да се движи од повеќе правци. На тој начин се намалува ризикот од зависност од еден снабдувач или една транспортна рута.

Од Министерството за енергетика велат дека приклучувањето е дел од пошироката стратегија за развој на гасната инфраструктура и интегрирање на македонскиот енергетски систем со европските мрежи. „Енергетската независност значи државен суверенитет“, порача Божиновска, додавајќи дека Македонија со овој чекор сака да се позиционира како посигурен и поактивен партнер во регионалната енергетска инфраструктура.