Борче Стаменов, кој донираше повеќе од 1.200 компјутери, е прогласен за Европеец на годината

„Europe House Skopje “ го прогласи Борче Стаменов, за ковид- херој и Европеец на годината! 

Борче е кавадарчанец кој донираше повеќе од 1.200 компјутери на семејствата кои не беа во можност да си обезбедат компјутери за своите деца за онлајн наставата. 

Во текот на првата година од ковид пандемијата, ограничувањата за движење и затворањето на училиштата имаа сериозно влијание врз образованието и секојдневните рутини на децата, бидејќи тие мораа да следат настава од дома. Оваа ситуација, несомнено, уште еднаш го истакна јазот помеѓу децата и семејствата кои имаат пристап до компјутери и интернет и оние кои немаат.

Борче Стаменов е еден од хероите што придонесе да се намали овој јаз, па така за 1.200 семејства низ земјава кои не можеа да си дозволат да купат компјутер, обезбеди компјутери кој сам ги составуваше и поправаше. 

Тој  работи во компанија од Кавадарци која обезбедува услуги за поправка на софтвер и хардвер и, како што објаснува клиентите со години ги оставале своите стари компјутери во нивната продавница, за да можат да ги користат за да обучуваат практиканти да ги поправаат.

Во 2016 година, кога една жена дошла во нивната компанија и побарала компјутер, бидејќи немала средства да купи Борче дошол до идеја да и состави компјутер од резервни делови. 

-Откако бев сведок на радоста на децата и светлината во нивните очи, решив да продолжам со оваа работа за донирање компјутери и да донесам среќа на што повеќе деца, вели Борче за почетоците на „Донирај компјутер“.