Богдановиќ најави реконструкција на ул„ Народен Фронт“ во скопски Капиштец

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ го најави новиот проект за реконструкција на улицата „Народен Фронт“ во населбата Капиштец.

„Започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Народен Фронт“, која е една од главните сообраќајници во населбата Капиштец. По завршувањето на реконструкцијата на улицата „Васил Ѓоргов“ со Град Скопје, сега ја започнуваме и втората најголема сообраќајница во Капиштец, за којашто од општинскиот буџет имаме планирано 40 милиони денари. Сакам да најавам дека како ќе се одвива реконструкцијата, ќе се обноват и тротоарите, а ќе се направи и резидентно паркирање за сите станари. Народен Фронт ќе биде уште една модерна улица во Општина Центар, која ќе биде изведена по примерот на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало. Ме радува фактот што оваа година ќе завршиме со реконструкција на повеќе од 15 улици во Центар, што претставува најголем број на реконструирани улици. Со ова покажуваме дека Општина Центар како локална самоуправа е стабилна, сигурна и има финансиски средства да ги реализира планираните проекти“, изјави Богдановиќ.

Со реконструкцијата, како што беше посочено, целосно ќе се уреди коловозната конструкција на површина од 11.542 метри квадратни, а ќе бидат опфатени и трите краци помеѓу зградите. Долж улицата „Народен Фронт“ ќе се реконструираат и подигнатите пешачки платоа и ќе биде поставено ново модерно лед-осветлување.

За проектот планирани се 40 милиони денари од Буцетот на Општина Центар за 2021 година, а градежните активности ќе започнат во месец јуни.

Во наредниот период, Општина Центар започнува со реконструкција на улиците Јордан Хаџи-Константин Џинот, Ристо Шишков, Дебарца, Драмска, Ленинова, Мирослав Крлежа, Теодосиј Гологанов, Рајко Жинзифов, Елисије Поповски Марко, Алберт Ајнштајн, Андон Дуков, Дон Бас и Козара, кои ќе добијат модерен изглед по примерот на улицата Орце Николов, најавува Богдановиќ.