Блокиран патот Градско - Прилеп

Блокиран е регионалниот пат Градско - Прилеп, кај клучката за Кавадарци, поради протест на кој се бара итна санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш". Блокадата ќе остане до 14 часот, а се пропуштаат само итни случаи. 

Учесниците на протестот за МИА велат дека се револтирани поради проблемот со каналот за наводнување. Бараат итна санација и алтернативен начин за наводнување, додека се врши санацијата, затоа што, како што нагласуваат, загрозени им се земјоделските култури.

Најавуваат нови протести од понеделник, со зголемување на времетраењето на блокадите, додека не се надмине проблемот.

Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов во изјава за МИА вели дека треба да се причека до понеделник, затоа што интензивно се работи на техничкото решение за отстранување на дефектот.  

Пред неколку дена, АД Водостопанство информираше дека на 27 мај е детектирано оштетување на сифонот Макарија на хидромелиоративниот систем Тиквеш, поради што привремено е прекинат дотокот на вода која се користи исклучиво за наводнување на земјоделските површини.

- Извршен е увид и во моментов интензивно се работи на изнаоѓање технички решенија за ургентна интервенција и санација во најбрз можен рок, а се со цел враќање на системот во првобитна состојба. Дополнителни информации, граѓаните од регионот можат да добијат во подружницата АД Водостопанство - Тиквеш. За сите понатамошни активности пак, поврзани со санацијата, јавноста ќе биде навремено информирана, соопштија тогаш од АД Водостопанство.