Битиќи: Владата продолжува со поддршката на домашните извозно-ориентирани компании

Владата ќе продолжи со поддршката на домашните, извозно-ориентирани компании за проширување на инвестициите, производството, со цел зголемување на бројот на вработени и креирање подобри платени работни места, изјави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи при посетата на кумановската компанија „Махагони“. Поддршката е значајна за зголемување на конкретноста на домашните компании. Во државава поддржани се над 600 компании.

- Оваа година беше исплатена рекордна финансиска поддршка од 23 милиони евра, државна помош по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со кои ги поддржуваме за компаниите за инвестиции со кои ја зголемуваат нивната конкурентност преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на подобро платени работни места, изјави вицепремиерот.

Тој кажа дека првиот договор за финансиска поддршка на компании со „Махагони“ е потпиша во постковид периодот во 2021 година.

- Тоа значи дека се охрабриле и инвестирале во развој во време на криза. Ја добија поддршката тогаш, ја добиваат и сега и тоа така ќе продолжи. Портфолиото на компании, како „Махагони“, кои ги поддржуваме во нивните инвестиции се шири и веќе брои над 600 компании, изјави вицепремиерот Битиќи.

Кумановската компанија е специјализирана за дизајнирање и производство на висококвалитетен мебел од бука и даб, опстојува на пазарот 28 години и 70 проценти од производите ги пласира во Хрватска, Србија, Словенија, Германија и Канада.

-Владата ја поддржува оваа компанија веќе во нивниот втор инвестициски циклус, со втор договор според кој минималната инвестиција изнесува 17 милиони, за финансиска поддршка за инвестициски вложувања во деловен објект, опрема и машини, со цел проширување и подобрување на производните капацитети и нови производи со современ и подобар квалитет, што оваа домашна компанија ја прави уште поконкурентна, вели вицепремиерот.