Битиќи: Да гледаме кон регионалната конкурентност, наместо кон регионалната конкуренција

Нашиот поширок регион треба да работи на приближување на синџирот на снабдување до границите на Европската унија. Бидејќи далечните пазари за снабдување се покажаа неодржливи, треба да гледаме кон регионалната конкурентност, наместо кон регионалната конкуренција, да создадеме пазар што ќе ги компензира производите што доаѓаат од тие далечни земји и ќе стане силен и сигурен партнер за целата Европска Унија. Процесите на „Near“ или “Friend Shoring“ се неизбежни и ние како регион мора да ја искористиме шансата, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на бизнис форумот во Загреб.

На Форумот, што го организира Стопанската комора на Хрватска, присуствуваат претставници од Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Сојузот на стопански комори, како и голем број компании од двете земји.

Битиќи пред присутните истакна дека Хрватска како земја членка на ЕУ е дел од единствениот пазар на Унијата, кон кој се стреми и нашата држава, како и дека додека се подготвуваме за влез, многу стандарди се веќе усогласени со оние на Унијата.

– Искуствата на Хрватска ќе ги земеме како лекции за побрзо интегрирање на нашата земја. Одлично е што денеска овде имаме претставници од коморите кои верувам дека можат да ја интензивираат соработката меѓу бизнисите во Хрватска и Северна Македонија, бидејќи преку формализиран пристап од двете страни ќе има поголема двонасочна комуникација и убеден сум дека таа би била плодна, бидејќи преку системско и темелно артикулирање на барањата на компаниите можат да се најдат соодветни решенија за надминување на предизвиците, заклучи Битиќи.

На Бизнис форумот претставници на Кабинетот на вицепремиерот Битиќи пред присутните имаа и презентација за можностите и условите за инвестирање во нашата земја.