Бигорски ги кани верниците на вечерната богослужба за Прочка

Манастирот Свети „Јован Бигорски“ преку соопштение ги повикува верниците да земат учество во богослужбата, која ќе започне во недела, со почеток во 17:00 часот. Службата завршува со Великопосната молитва на Св. Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното големо простување на верниците и монасите.

„Затоа светите отци за овој последен ден пред постот предвиделе специфична богослужба, давајќи на верните можност да си побараат прошка едни на други и така да направат добар почеток на светиот Пост. Во духот на оваа, првично монашка традиција, таа неделна вечерна богослужба во Бигорскиот манастир е вистинско доживување за сите присутни, кои во голем број се собираат овде за со искрено покајание и измирување со другите, достојно да се подготват за посниот подвиг. А глетката во храмот навистина го стоплува срцето и побудува на покајание. Очите се полнат со солзи, додека наоколу се разлеваат трогателните и отрезнувачки вечерни стихири, а покајното расположение достигнува врв со посебните коленопреклони молитви, што игуменот на свештениот манастир, епископот Партениј, со особено умиление ги чита пред сите присутни, измолувајќи од Бога прошка и благослов за претстојниот свет пост“, се вели во соопштението на манастирот.